Новата сезона на најсилната кошаркарска лига во светот започнува во ноќта помеѓу вторник и среда! Јубилејната 80-та НБА сезона ќе ја отвори актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер, кој ќе биде домаќин на амбициозните Хјустон Рокетс во својот „Пик центар“ од 01.30 часот по наше време.
Малку подоцна, фановите на НБА можат да очекуваат уште еден кошаркарски спектакл – од 04.00 часот Лејкерс на Дончиќ ќе се сретнат со Голден Стејт вориорс на Кари во „Крипто срена“ во Лос Анџелес.
Регуларниот дел од НБА сезоната започнува на 22 октомври и завршува на 13 април. Секој од 30-те тима ќе одигра вкупно 82 натпревари од регуларната сезона (41 дома, 41 на гости), а паралелно со НБА сезоната, НБА Купот ќе се игра од 31 октомври до 16 декември 2025 година.
Се очекува сезоната на 80-годишнината од НБА да биде една од најнеизвесните во последната деценија, бидејќи многу тимови имаат реална шанса за титулата. Актуелниот шампион, Оклахома Сити Тандер, предводен од минатогодишниот МВП Шеј Гилџс-Александар, се смета за прв фаворит за трофејот. Втор фаворит е Денвер, предводен според многумина од најдобриот кошаркар на денешницата Никола Јокиќ.
Изненадувањето на сезоната би можеле да бидат Хјустон Рокетс, кои, како и Денвер, одлично ја завршија работата ова лето. Доаѓањето на искусниот Кевин Дурант го направи овој тим легитимен кандидат за титулата. Дурант и Алперен Шенггун, би можеле да бидат еден од најсмртоносните офанзивни тандеми оваа сезона.
Меѓу фаворитите за самиот врв, многумина ги гледаат Кливленд Кавалерс, кои беа одлични минатата сезона во регуларната сезона, како и Њујорк Никс и Минесота Тимбервулвс.
Лос Анџелес Лејкерс, предводени од одличниот Лука Дончиќ и искусниот Леброн Џејмс, кој ќе ја започне својата 23-та сезона во кариерата, исто така го најавија својот поход кон титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

