Кошаркарската репрезентација на Македонија од денеска врти нов лист, откако во 18 часот во СРЦ Кале новиот селектор Марјан Илиевски ќе ја одржи првата прозивка во националниот тим, со што ќе биде означен стартот на подготовките за претквалификациите за СП 2027.
Како што е веќе познато, се кошаркарскиот национален тим влегува во процес на сериозна смена на генерации, па во претстојните дуели со Романија и со Унгарија на терен би требало да видиме голем број на млади играчи кои допрва ќе треба да го носат товарот во националниот тим. На поширокиот список на Илиевски се најде и доскорешниот капитен Војдан Стојановски, како и единствениот евролигашки македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ, но двајцата ќе го пропуштат овој циклус.
Со оглед на фактот дека дел од помладите повикани играчи веќе се на ЕП со младинската репрезентација, на денешниот прв собир се очекува да се појават десетина кошаркари, а како што ќе одминува времето така и бројот на играчи кои ќе бидат на располагање на селекторот ќе се зголемува.
Се очекува репрезентацијата да се комплетира по селидбата во Гевгелија, каде ќе ја мине втората фаза од подготовките и ќе одигра две пријателски средби со селекцијата на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

