Ракометната репрезентација на Македонија денеска ќе и гостува на Португалија во натпреварот од 4. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое на почетокот на следната година ќе се одржува во Германија.
Поразот од шест разлика од четвртокот од Скопје не ја отслика вистинската состојба на силите на теренот, каде Македонија педесет минути беше во егал со фаворизираната Португалија.
Селекторот, Кирил Лазаров за оваа средба направи две промени во составот од мечот во Скопје. Шанса на дуелот во Португалија ќе добијат Аларов и Младеновиќ кои ќе влезат во списокот на ракометари на местото на Мишевски и Цветан Кузманоски.
„Треба на реваншот да поправиме од се’ по нешто. Малку доминираа и физички, изгубивме доста дуели, многу бевме дефицит на игра со пикер, иако бевме договорени да ги браниме квалитетно, но примивме многу голови од таа позиција затоа што беа подобри физички. Нашите играчи беа во еден мал грч, но се надевам дека како поминува времето ќе биде подобро. Најважно е да се пласираме на ЕП, против селекциите на Турција и Луксембург сме фаворити, но не е лесно во денешно време да се добијат мечеви, но треба сега да мислиме само на реваншот со Португалија“, рече Лазаров.
Натпреварот меѓу Португалија и Македонија е закажан за 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

