Подмладената Македонија против Унгарците во желба за барем прва победа во претквалификациите

Сениорската репрезентација на Македонија вечерва од 19 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе го затвори августовскиот претквалификациски циклус.

Во распоредот на натпреварите од групата „Е“ за Македонија следува дуелот против репрезентацијата на Унгарија, во желбата оваа подмладена селекција да дојде и до првата победа во групата.

Погледот на табелата вели дека вечерашниот противник е во најдобра позиција, со обезбедено место во следниот круг, што е и некоја реалност, затоа што Унгарија на теренот потврди дека има и највисок квалитет во оваа конкуренција. Со тоа се согласува и селекторот на нашата репрезентација, Марјан Илиевски, но потенцира дека верува, како и на секој натпревар, дека ќе се даде максимумот за да се дојде до позитивен резултат.

„За екипата на Унгарија, таа е најискусна екипа и игра најдобра кошарка. На оној натпревар во Солнок, тие погодија се, ние имавме лош шут за три поени и вкупно ниски проценти на реализација. Но реков и тогаш, сум задоволен, без никакво правдање на нештата“ – вели Илиевски.

За она што следува вечерва во СРЦ „Кале“, предводникот на нашата најдобра селекција уште дополнува…

„Мечот кој ни е последен, овој со Унгарија, резултатски не значи многу, ниту на нас, ниту на нив, Но ние од самиот почеток кажавме дека секој дуел кој ќе го имаме, па дури и оној на тренинг, меѓу двете петорки, ќе биде од големо значење за сите. Затоа, на секој натпревар гледаме да го извадиме нашиот максимум, па дај Боже и да победиме. На хартија сме помалку квалитетна репрезентација од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме“ – порачува македонскиот селектор.

Се вчитува...