Поднесено обвинение за убиството на ракометарот Денис Тот

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за убиство на доскорешниот ракометар на Бутел, Денис Тот.

Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски се гонат за убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, велат од Обвинителството.

Тот трачно го загуби својот живот на 7 април во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога тогаш осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале Хрватот и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите Тот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест.

Тројцата што сега се во притвор, продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што Тот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.

Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, Тот имал престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.

Се вчитува...