Македонските кошаркари со улога на фаворити влегуваат во дуелот со Романија (18.15 часот, СЦ „Борис Трајковски“), во обид да се зацврстат на првото место од групата од претквалификациите за Евробаскет 2021. Со зголемена самодоверба по стартниот триумф во Приштина над Косово, нашите репрезентативци се свесн дека не треба да летаат во облаци бидејќи допрва претстојат уште три битки за влез во главната квалификациска фаза.
Во прилог на македонската репрезентација одат и турбуленциите во редовите на противникот, откако Заре Марковски си поднесе оставка на помалку од еден месец пред овој циклус, а неговиот наследник Тудор Костеску се реши да направи ремонт во националниот тим, не повикувајќи ги искусните Влад Молдовеану и Андреј Мандаке. Покрај овие двајца, во тимот на Романија во Скопје нема да се појават уште двајца квалитетни кошаркари, Роли Торок и Каталин Бачиу.
„Молдовеану е најдобар романски кошаркар со години наназад и неговото отсуство сигурно е плус за нас. Тој е одличен кошаркар во два правци, исто како и Мандаке, стабилен играч кој претходно важеше за еден од лидерите на оваа репрезентација. Мое мислење е дека сме поквалитетен противник од Романија, но и свесни сме дека тоа мора да се докаже на терен“ – изјавува Александар Костоски, кој претходните две сезони ги мина настапувајќи во оваа држава за екипата на Питешт.
Нашиот репрезентативен плејмејкер смета дека неопходно ќе биде да се спречи играта во транзиција на противникот, што е нивно главно оружје.
„Тие не се премногу технички потковани, ниту пак беспрекорни шутери. Она што ги краси се високи бекови кои се максимално физички подготвени и беспрекорно ја отвораат играта во транзиција. Исто така, се настојува и на офанзивен скок, тоа се две работи што ќе требаме да ги спречиме. Доколку успееме во тоа, ќе немаме проблеми да стигнеме до победата“ – истакнува Костоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА