Погба до Мурињо: Не сум виновен јас, туку твојата тактика…

На Пол Погба му здодеало да биде дежурен виновник за слабите резултати на Манчестер јунајтед, па пред неколку дена отворено влегол во конфликт со Жозе Мурињо, од кого е редовно критикуван во последната година.

Французинот немаше свој ден ниту на последното гостување против Саутемптон, по што во соблекувалната повторно бил нападнат од португалскиот стратег.

„Не играш фудбал. Не ги почитуваш соиграчите и навивачите. Исто така, го убиваш менталитетот на добрите чесни луѓе околу тебе“ – ечела соблекувалната на Јунајтед од Мурињо, открива весникот „Дејли Рекорд“.

Мурињо е навикнат играчите да му молчат, но Погба овојпат решил да одговори.

„Не сум виновен јас, туку твојата тактика. Никој од фудбалерите нема слобода во играта, сите стојат во местото што си го одредил, па кога ќе ја земам топката немам кому да ја подадам. Доста е веќе, нема да дозволам од мене да се прави виновник за актуелната состојба во клубот“ – одговорил Погба.

Следен на потег е Мурињо, интересно ќе биде да се види дали ќе му даде шанса на Погба во стартниот тим на вечерашното дерби со Арсенал, на кое евентуален пораз може сериозно да го затресе „столчето“ на Португалецот на „Олд трафорд“.

Се вчитува...