Пол Погба повторно е актуелен во фудбалската јавност откако Спортскиот суд ја прифати неговата жалба и ја намали суспензијата на Французинот од четири години на само 18 месеци, што практично значи дека поранешниот ас на Манчестер Јунајтед ќе може во март 2025 повторно да заигра фудбал.
Јувентус не смета на Погба и во тек се разговори за раскин на договорот меѓу „старата дама“ и францускиот играч за врска, кој во меѓувреме почна преговори со заинтересираните тимови за кои би можел да потпише како слободен играч.
Олимпик Марсеј прв покажа интерес за Погба, но последните информации говорат дека Французинот има на маса и понуда од МЛС-лигата. Лос Анџелес е клубот што сака да го види големиот ас во своите редови, со што овој тим би ја зголемил француската колонија во своите редови. Имено, за Лос Анџелес со успех настапуваат француските ветерани Хуго Љорис и Оливие Жиру, а управата на клубот сака сега со потпис на Погба да направи уште еден чекор напред.
Се очекува Французинот да не брза со одлуката, ако се знае дека дури во јануари 2025 ќе може да почне да тренира со новиот клуб, па затоа Погба ќе почека да ги види сите понуди што ќе ги добие до крајот на годинава пред да пресече околу следната дестинација во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА