Пол Погба нема да настапи за Манчестер Јунајтед на пријателскиот натпревар со Милан, последен обид на францускиот репрезентативец да се избори за заминување од „Олд Трафорд“ и преселба во Реал Мадрид. Фактот дека Реал веќе почна да разгледува други опции за средниот ред (Ван де Бек и Бруно Фернандес) придонесе Погба самиот да реагира, жалејќи се на „повреда“ во пресрет на последниот пријателски меч за оваа сезона.
Фудбалската јавност е добро запознаена со ваквите методи што фудбалерите често ги користат кога не сакаат да ризикуваат повреди, а во ситуација кога Погба цело лето бараше трансфер, неговата желба за продолжување на кариерата во друг европски гигант е и повеќе од јасна. Преселба во Реал Мадрид и работа со Зинедин Зидан би биле идеална солуција, но проблем е што Јунајтед го проценува Погба на 150 милиони евра, сума што „кралевите“ немаат никаква намера да ја платат.
Поради слични причини сите подготвителни натпревари на Манчестер Јунајтед летово ги пропушти и Ромелу Лукаку, но Белгиецот се наоѓа на излезна врата (пред трансфер во Јуве или во Интер), додека во случајот на Погба клубот не сака да го продаде освен доколку не добие супер-понуда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА