Пол Погба е цврсто решен да си замине од Манчестер Јунајтед и ќе инсистира до таков трансфер да дојде веќе во јануарскиот преоден рок. Британските медиуми јавуваат дека Французинот е разочаран што и сезонава „ѓаволите“ се предалеку од борбата за трофеи и сака што поскоро да ги промени клупските бои.
Погба во текот на летото беше поврзуван со Реал Мадрид и со Јувентус, но реши да му излезе во пресрет на Оле Гунар Солскјер и неговото барање да не го остава тимот на цедило. Сепак, ситуацијата се промени, Јунајтед повторно игра променливо, а Погба се уште се смета за еден од главните виновници за тоа. На францускиот плејмејкер очигледно му здодеало да биде „дежурен виновник“ на „Олд Трафорд“, па веќе го контактирал агентот Мино Раиола да ги интензивира преговорите со заинтересираните клубови.
Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој размислува дури и за штрајк за да му биде дозволено да си замине, но проблем сигурно ќе претставува отштетата, Јунајтед инсистира на сума од над 170 милиони евра, пари што немаат намера да ги платат ниту Реал ниту Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА