Килијан Мбапе го постигна победничкиот гол против Перу, но во главна улога и на оваа средба на „триколорите“ беше Нголо Канте, фантастичниот „борец“ кој заврши неверојатна работа во битките на средината на теренот. Свесен за тоа е и Пол Погба, кој по натпреварот упати комплименти на адреса на својот репрезентативен колега.
„Многу е полесно да се игра фудбал кога крај себе го имаш Нголо Канте. Тој трча насекаде, им помага на сите соиграчи. Не знам како постигнува, како да има 15 бели дробови“ – коментира Погба.
Свесен за придонесот на Канте е и францускиот селектор Дидие Дешамп.
„Јас не решавам кој е играч на натпреварот, во 99% од случаевите тоа се офанзивните играчи кои ги постигнуваат головите. Канте не се грижи за тоа, тој едноставно е среќен што е тука, што помага на тимот и што знае колку ние го цениме тоа. Тој не игра за награди, игра за екипата“ – истакна Дешамп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА