ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Барселона го „погреба“ гвардиоловото „тика-така“…. Да живее Флик!!!

ПИШУВА: Драган Томовски

Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…

==============================================================

Последните игри и лоши резултати на Гвардиола и неговиот изморен, неинвентивен и неконцентриран тим го поставуваат прашањето што се случува со системот и филозофијата на игра наречена “тика-така“!?

Овој, пред се би рекол, начин на размислување и приод кон фудбалот, во приличен период на неговата примена го смени фудбалот и даде резултати. Но, како и во историјата, при секој новитет во развој на оружјата, по извесно време се наоѓа и одбрана и противоружје.

Начинот на игра веќе одамна е прочитан, повеќе не носи предност и ефикасност како порано. Бавната (релативно) игра, униформното однесување на играчите им ја олеснува задачата на противничките тимови. Претерување со играта во широчина, како и повратни топки, сега, за разлика од порано, им ја олеснува одбранбената задача на противничките тимови, а притисокот да во таква игра не се погреши, ги троши играчите во нефункционално трошење на време, со последици по концентрацијата.

Судбината на Манчестер сити, поради она гвардиолово „тика-така“ ја делеше и Џирона (како дел на Сити системот и во техничкиот дел под контрола на Гвардиола), каде македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, како впрочем и другите централни напаѓачи, беа жртви на горе наведениот систем, во кој истите беа комплетно изолирани. Како пример ќе наведеме еден анализиран, загубен натпревар на Џирона, на кој, централниот напаѓач и легендата на клубот Стуани, за едно полувреме, само двапати ја допре топката. Мичел во Џирона тотално ја извитопери идејата на „тика-така“ и како главна цел постави „посед, само поради посед“… Неразбирливо!

Лекцијата,која тимовите во системот на Сити, во последно време ја добиваат, прилично доцна е разбрана. Не можеме да процениме каде повеќе, во Манчестер сити или во Џирона.

Дали сега веќе „тика-така“ начинот на игра е завршена прикаска? Во еден дел, дефинитивно да, но во друг – не.

Делови од оваа фудбалска филозофија се применуваат, а ќе се применуваат и во иднина, но избалансирано со директната игра, полуконтра и контра, со играта на брзо завршување на нападите со шут и центаршут и барањето начин овие елементи на фудбалската игра често да бидат повторувани.
Тука, некако, би можеле да ги наредиме Ливерпул, Аталанта, норвешки Бодо/ Глимт… Тимови со слична филозофија, но на различни нивоа.

Како филозофија, „тика-така“ останува само дел на најголемата промена во пристапот кон најпопуларната игра преку воспоставениот тотален-атомски фудбал на Ајакс на Кројф и Васовиќ…

Но како тој „тотален“ фудбал на Ајакс, кој еволуираше со „тика-така“ на Гвардиола е надграден со неверојатната Барселона на Флик!? Тоа е прашање на сите прашања во (нај)современиот фудбал и заслужува посебна анализа.

Околу тоа…, наредниот пат.

Се вчитува...