Европските купови се во завршна фаза. „Протрчувајќи“ по листата на учесниците, со мали исклучоци, тоа се тимовите кои и ги очекувавме во завршницата на најголемите европски клупски натпреварувања. Но, низ тие мали исклучоци, се доаѓа и до името на Бодо-Глимт, норвешки клуб за кој до скоро информации имаа само пасионираните обложувачи.
Во четвртфиналето на Лигата на Европа, Бодо-Глимт вечерва го очекува реваншот против Лацио во Рим, откако по првиот натпревар во Норвешка си обезбеди убава предност од 2-0, сега со сериозна можност и за пласман во полуфиналето.
„Четвртфиналето од Лигата на Европа го донесе Бодо до натпревар со Лацио. Во првиот меѓусебен дуел Бодо едноставно го „разнесе“ противникот, не толку со победата (2-0), колку со играта. ‘Лацијалите’ со голема доза на среќа успеаја релативно добро да поминат. Сосема нормално, Лацио е дома голем фаворит, гледајќи го пред се десеткратно поголемиот буџет, а со тоа и квалитет на играчите, кои максимално ќе бидат и мотивирани да возвратат на понижувањето кое го доживеаја во првиот натпревар“ – вели македонскиот фудбалски аналитичар Драган Томовски кој веќе долго време го следи детално тимот на Бодо-Глимт, кој е вистински хит во европскиот фудбал сезонава.
„Бодо-Глимт е фудбалски клуб од едно мало гратче Бодо на крајниот север на Норвешка, во мал фјорд со околу 40.000 жители, а кое, поради оддалеченоста се раскажува како родно место на дедо Мраз… Клубот егзистира во скромни услови и стадион за 8.000 гледачи. Се потпира главно на домашни, норвешки, играчи. Не е баш најомилено место во кое противниците сакаат да гостуваат и тоа од неколку причини. Прво,географската позиција прави да климата е исклучително остра, па со исклучително ниските температури и непријатна. Втората причина и поважната е што ретко кој противник, последните пет години, може да се пофали со добар резултат таму, а поголем број на противниците дури си одат дома и со примени дузина голови“ – вели Томовски.
Драган Томовски, кој заедно со својот син Петар е одговорен за фудбалската кариера на еден од најдобрите македонски фудбалери и репрезентативец Бојан Миовски, открива дека Бодо-Глимт интензивно го следи откако клубот пројавил интерес токму за актуелниот напаѓач на Џирона.
„Кога во почетокот на 2020 година, преку синот Петар, дојде понуда од овој клуб за да го видат Бојан Миовски, кого до тогаш го мачеа во нашите клубови, си рековме, сепак е Запад, ајде да пробаме. Миовски во Бодо помина три дена со исто толку тренинзи и со исто толку играња на два гола. Тренерот Кнутсен беше презадоволен и Бодо одлучи да го ангажира. Но, во разговорот со Бојан тој ни пренесе дека на трите натпревари играл на позиција играч за врска. И тогаш, а особено сега, на ова гледам како на големо признание за неговите фудбалски квалитети. Но, по заедничко разгледување на добиената понуда решено е истата да не биде прифатена. Едноставно, визијата за неговата позиција па и целта беа други“ – вели Томовски и дополнува:
„Наведените моменти, оценката на Бојан за односот и пристапот кон фудбалската игра и посебно филозофијата на тренерот Кнутсен, пак, за мене беа голем предизвик и мотив. Со голема заинтересираност понатаму ги следев игрите на Бодо и едноставно бев воодушевен со реализацијата на една од клучните идеи во фудбалот, како да создадеш таков амбиент и игра во која твоите фудбалери, врз основа на неверојатна самодоверба и ментална и тактичка агресија, ќе го доведат противникот постојано под притисок, во ситуација 90 минути да не може да здивне. Она што е најважно, кај фудбалерите на Бодо е создаден таков менталитет, да главната мисла на комплетниот тим, цело време, на секој натпревар е како да дадат гол и тоа го прават со непоколеблива одлучност. Без оглед дали водат 3-0 или не. И кога,на таков начин, ќе ги натераш противниците, во поголем дел на натпреварот да мислат како да не примат гол, ТИ ВЕЌЕ НАТПРЕВАРОТ ГО ИМАШ ДОБИЕНО“.
Томовски компарира дека овој тим на Бодо-Глимт недвојбено потсетува на Вардар од времето на Вукашин Вишњевац и онаа славна генерација која ја освои титулата во Југославија.
„Сето ова ми заличе на времето на Вишњевац со Вардар на Панчев ,Рингов, Георгиевски, Савевски…, кога на стадионот одевме да видиме не дали Вардар ќе победи, туку колку ќе му даде на противникот. Комплексот на гостински терен, кој Вардар тогаш го имаше (како и многу други тимови од тоа време), Кнутсен ефикасно го реши, па играчитена Бодо не прават разлика дома-гости. Уште еден проблем со кој се судруваат многу тренери – организацијата на игра во напад, кај Кнутсен перфектно функционира, па ретко ќе видите тим кој така смислено, рационално и ефикасно функционира во офанзивните акции. Поради горе констатираното, уште пред четири години иницирав нашите тренери да го следат овој тим, како пример на клуб што функционира во скромни услови а реализира такви резултати. Да анализираат и да извлечат заклучок. Посебно за резултатите во психолошкиот пристап и работа со фудбалерите. Ваквиот пристап, понекогаш носи и ризик, но кај Кнутсен тој ризик е пресметан,а резултатите неспорни. Бодо, веќе пет години ‘меле’ во норвешкиот шампионат, а во меѓународните натпревари секоја година се повеќе се наметнува и покрај фактот да во клучниот период на меѓународната сезона (декември- крај на март) немаат домашно натпреварување, што е огромен хендикеп, во споредба со другите тимови. И тука,Кнутсен покажува дека е велемајстор“ – коментира Драган Томовски, и заклучува:
„За оние кои бараат маана, можат да ја најдат во поразот на Бодо од Црвена Звезда, но барем мене, се ми е јасно. Бодо не ја потцени Звезда, но лошо го испланира микро-циклусот за неделата пред реваншот во Белград и тврдоглаво реши да игра натпревар на три дена пред истиот, за разлика од Звезда која паметно, го откажа натпреварот од српското првенство. На самиот натпревар, тоа се покажа како клучно, па фудбалерите на Бодо немаа здив истиот да го одиграат со вообичаеното темпо“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА