ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Фудбалот и правилата… Македонија може да биде дел од историјата!

ПИШУВА: Драган Томовски

Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…

==============================================================

Со правилата нели договорно и генерално ги уредуваме односите во животот и повеќе негови сфери. Како ги уредуваме? Како тоа се прави во фудбалот?

Веројатно многу мал дел од повозрасните се сеќаваат дека кога во маало игравме фудбал имавме некое правило „три корни пенал“!!! И ден-денес не знам од каде дошло тоа!

Правилата во фудбалот почесто почнаа да се менуваат од практични причини и тоа дури откако тој почна форсирано да се комерцијализира и со тоа професионализира. Секој вистински вљубеник во оваа игра има свои идеи како нешто би можело да придонесе за уште поголем интерес и популаризација на и онака планетарно најпопуларната игра.

Приличен дел од моите активности и размислувања во изминатиов период беа усмерени во тој правец. Последното, кое содржи предлог на промена на мерењето на времето во судиските продолженија верифицирано како авторско дело, уште пред 4 години е испратено на одделот на ФИФА (ИФААБ) одговорен за тоа. Истотиот предлог е испратен и до здружението на европските фудбалски клубови на УЕФА од каде неформално стигнаа и првите позитивни мислења.

Како поминува времето, моите анализи потврдуваат дека предложениот начин да времето во судиското надополнување се мери со запирање на течењето во момент на прекин на натпреварот би имало извонреден практичен придонес во спречување на симулирање и оддолговлекување на времето. Транспарентност на времето преостанато за игра е исто многу битен елемент, особено за ситуациите кога натпреварот се завршува. Од недела во недела сме сведоци за многу реакции на клубовите за моментот кога СУДИЈАТА РЕШАВА да го заврши мечот.

Одгласите од ИФААБ (ФИФА) укажуваат дека веќе сериозно се размислува во тој правец. Дали, евентуално ќе допуштиме ова да помине така, да се одмине фактот дека ваква промена е македонски производ, ќе видиме. Но евентуалното пропуштање на прилика да бидеме иницијатори на ваква промена не е само моја лична штета.

Сепак, фудбалот го следат четири милијарди луѓе…

Се вчитува...