ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Ханси Флик – гение или „лудак“!?… Ерол Демир за честа да работи со тренерот на Барселона!

ПИШУВА: Драган Томовски

Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…

==============================================================

 

До пред извесно време, да прашаш било кој тренер (па и кај нас) дали со најдобар тим можеш (смееш) против екипа во која играат и Мбапе и Винисиус, да играш со одбрана високо поставена на центарската линија, одговорот на 99,99% би бил – „Ниту во лудило!“

Во психологијата често се потенцира дека разликата меѓу лудоста и генијалноста ја дели многу тенка линија.

Како можеше тренер, кој имал „блиска средба“ со Ерол Демир, еден од нашите најталентирани играчи низ деведесеттите години на минатиот век, во Хофенхајм пред 30-на години, да повлече тренерски потег, кој заличува на самоубиство!?

Ерол Демир во дресот на Вардар

За да го разбереме тоа, убаво е добро да се обрне внимание на зборовите токму на Ерол Демир кој имал чест да работи со Ханси Флик: „Ние на речиси секој тренинг имавме награда за тоа кој најбрзо ќе ја освои топката…!“

Дали генијалноста на интелектуално силниот и во исто време храбриот Ханси Флик, по извесно време ќе премине во лудост!!?

Не ги спомнувам Хеленио Херера, ниту италијанското ‘катанаџо’, поради дефанзивноста и деструкцијата (ако нешто спомнам од минатото, тоа нека биде унгарската лесна коњица на Пушкаш, Ди Стефано…). Но, за мене вистинскиот фудбал почна од Кројф, Васовиќ… Ајакс. Го нарекоа тогаш ‘атомски фудбал’. Играчи, универзално едуцирани, почнаа да играат агресивен фудбал на секој дел од теренот, притоа истовремено секој од нив, без оглед каде ќе се најде на теренот, да знае како да реагира. А таа реакција беше брза, едноставна, рационална и над се ефикасна. Ајакс победуваше уште пред да излезе на теренот, затоа што од соблекувална ја имаше добиено најважната битка… психолошката!

Овој момент и Ајакс беа пресвртница, воопшто во фудбалот и фудбалската филозофија. Агресивноста и желбата и потребата што побрзо да се постигне гол, дефинитивно ја порази дефанзивноста (и разни „катанаѓа“) и она конзервативно тренерско: „само да не примиме гол, а ќе го дадеме…“

Многу тренери се уште не ја разбраа „работата“, и иако повеќемината биле фудбалери како да не разбираат како и колку со таков пристап ги фрустрираат своите фудбалери и ја ограничуваат нивната способност.

Во делот на фудбалот каде психолошката борба стана еден од клучните фактори во одвивањето на играта, како и резултатот од тоа, следниот чекор го направија Шпанците, со прочуената „тика-така систем“, исто така смислен да противникот 90 минути го држиш под таков притисок да едноставно неможно станува да се задржи стопроцентна концентрација, па моментите на деконцентрација се користат за создавање шанси и постигнување гол. Олеснето ти е затоа што постојано си блиску до противничкиот гол.

Но, тоа не е смислено тук-/така затоа што истото не можеш да го правиш, а да не си до совршенство обучен во секој поглед, како физички така и технички, тактички и пред се умствено.

Минатиот пат го поставивме прашањето дали системот тика-така е погребан….!?

Што се случи!? Претераното инсистирање на посед и само посед, од другата страна направи организираност на тимовите-противници, да веќе осознаа како ментално да се штедат, па одеднаш оние кои инсистираа на посед се најдоа во ситуација тие повеќе да се трошат од противникот. Затоа што и за тој посед треба перманентна концентрација.

Класичен пример се Манчестер сити и нивниот клон Џирона. Катастрофални сезони исполнети со непрекинато удирање со глава во зид. Последиците ги видовме…

И. Одеднаш се појави Ханс Флик. Направи нешто што заличе на фудбалско „харикири“. Неочекувано за сите фудбалски „зналци“ одигра на начин кој секој негов противник потајно го посакуваше ама ни на крај на памет не му беше, дека истото може да се случи.

Флик се отвори (наизглед) на неверојатно важни натпревари и со супер квалитетни противници. За да ја засили и онака големата иницијатива, посед и присуство пред противничкиот гол ја постави задната линија на центар (во голем дел на ситуации).

За да може ова да го направи, мораше да има таков и така обучен тим како што има и да постигне ситуација, при загубена топка (и нели посед) на противникот да не му даде време (повеке од 2,3 секунди) да се намести и организира моментален упад во половината на Барса. Притоа, позиционирањето на играчите на одбраната има значителна улога, а расте и улогата и одговорноста на голманот, кој знае дека мора далеку поактивно да го чува просторот пред шеснаесетникот но и со поголем интензитет тренира ситуации „еден на еден“.

Факторот интелект и изненадување повторно победи. Моментално!

Против оружје, како и во историјата, веќе се бара. Многумина знаат како, но засега, некако тешко им оди реализацијата.

А Флик!? Интелигентен и храбар, на што ги учи и обучува и своите фудбалери…

За да не ја премине линијата која горе ја спомнавме од него очекувам дека ќе го оцени моментот и ќе каже доста е ваков тип на ризик… Се додека не смисли нов!

Се вчитува...