Погледите на фудбалската јавност на дуелите од 28. коло во Првата македонска фудбалска лига, денеска од 16 часот, без сомнение се насочуваат кон Чаир, и мегданот меѓу Шкупи и Вардар… Секако, не толку поради некаква израмнетост на двата тима во квалитативна смисла на табелата, или поради некаква силна неопходност од бодови и за двата состави, но поради традиционалниот ривалитет, желбата кај двете страни токму на оваа пресметка да се покаже најдоброто од себе, поради секогаш присутниот навивачки набој…
Голманот на чаирчани Суат Зендели е убеден дека ќе биде квалитетен дуел, но ги повикува навивачите на максимална коректност како би се уживало во фудбалот, а не во се друго…
„Јасно е дека играме против одличен тим кој игра константно добро веќе неколку години. Сега ќе играат и без притисок затоа што имаат 11 бода предност во однос на Шкендија во битката за шампионската титула. Но, овие дерби натпревари никогаш не се гледаат ни призмата на бодовната состојба на табелата. Ова се посебни ситуации, секогаш интересни и неизвесни. Ние сме добро подготвени, ќе дадеме се од себе да ја израдуваме публиката која верувам повторно во голем број ќе дојде да ни даде поддршка. Но, повикувам да се даде само силна поддршка за нас и ништо повеќе. Повикувам на коректност затоа што ова а само игра, да покажеме спортска култура и почит за противникот. А, ние на терен ќе се обидеме да ги израдуваме со победа“ – вели капитенот на Шкупи, Суат Зендели.
Во редовите на Шкупи поради повреда ќе недостасува Димитрија Лазаревски, а Јасир Асани нема право да игра против Вардар, согласно договорот меѓу двата клуба за отстапница.
Од друга страна Вардар јасно е дека има добра бодовна разлика пред Шкендија па сигурно ќе игра порелаксирано…
„Во секој случај како и на секој натпревар мора да одиме на победа. Максимално го почитуваме Шкупи затоа што се знае дека има цврс, компактен, тим но ги посакуваме бодови како посигурно би пристапиле кон завршницата од првенството“ – вели левиот бек на Вардар, Бесир Демири.
Кај Вардар ќе недостасува капитенот Бобан Грнчаров поради исклучувањето на претходниот натпревар од Купот на Македонија против Шкендија во Тетово.
ДВОЈКИ – 28. КОЛО (денеска, 16 ч.)
Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР
Тетово: РЕНОВА – БРЕГАЛНИЦА
Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА
Битола: ПЕЛИСТЕР – ПОБЕДА
ВЧЕРА
РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1
ТАБЕЛА: Вардар 65 бода, Шкендија 54, Работнички 47, Пелистер 37, Силекс 35, Ренова 35, Шкупи 29, Победа 23, Брегалница 19, Македонија ЃП 19 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА