Пресметките меѓу Академија Пандев и Работнички во Турново и онаа меѓу Шкупи и Ренова на стадионот во Чаир во рамките на 34. коло од ПМФЛ треба да дадат во голема мера одговор која од овие четири екипи ќе може да се надева пред последните две кола од шампионатот на 4. место од табелата и евентуален европски излез.
„Романтичарите“ се во најповолна позиција, но и тоа како денеска против Академија Пандев им е неопходен позитивен резултат. Пораз, во никој случај…
„Преостануваат уште три кола до крајот, и сега треба да се смогнат сили за да се даде најдоброто од себе. Целта на клубот е јасна, повторен излез на европската сцена, и сите сме максимално фокусирани за тоа да го оствариме. Не очекува тешко гостување против тимот на Академија Пандев, тоа е одличен спој на младост и искуство, како и несомнен квалитет, но и ние имаме верба во нашите можности. Се надеваме дека можеме да стигнеме до трите бода на ова гостување“ – вели фудбалерот од средниот ред на Работнички, Душко Трајчевски.
Но, се уште сериозни амбиции за Европа негува и Шкупи. Тимот од Чаир, по победата над Пелистер, сега посакува три бода од дуелот со Ренова и дефинитивно приклучување во трката за четвртата позиција.
„Мечот со Ренова е од посебна важност за нас. Добро ја знаеме екипата на Ренова која е навистина квалитетна, но ние веруваме во себе. Убеден сум дека на крајот ќе триумфираме и ќе ги освоиме тие важни три бода. Ова го велам врз основа на претходното издание против Пелистер кое ни покажа дека Шкупи може да победи на секој натпревар и против секој противник“ – вели пред денешниот меч помошникот во стручниот штаб на тимот, Орхан Абди.
ДВОЈКИ – 34. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)
Турново: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ
Скопје: ШКУПИ – РЕНОВА
Струмица: ПОБЕДА – СИЛЕКС
Тетово: ШКЕНДИЈА – СКОПЈЕ
Скопје: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

