Македонија утре од 20:45 часот на „Паркен“ стадионот во Копнхаген ја очекува уште еден историски натпревар. Данците како судбина, овој пат во битката за место на СП 2026…
А, за Македонија и тоа како Данска е историски врзана и преку првиот наш официјален репрезентативен натпревар во историјата, оној на 7 септември 1994 година. Првиот одигран официјален квалификациски натпревар на националниот тим, во квалификациите за ЕП 1996 во Англија, кој ќе остане врежан во меморијата на секој искрен љубител на фудбалот од Македонија. И тоа, судбината сакаше македонската селекција својот прв официјален натпревар да го игра во Скопје и тоа против тогаш актуелниот европски шампион Данска.
Во еден од подкастите „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, капитенот на првата репрезентација на Македонија, Дарко Панчев, заедно со доајенот на македонското спортско коментаторство, Златко Калински, се потсетуваат на тој легендарен меч со Данска на Градскиот стадион во Скопје.
„Владееше тогаш огромна еуфорија во Скопје и во Македонија. Пеколна атмосфера, феноменален меч кој го расипа главниот судија“ – се потсетува Калински, на кого се надополнува и Дарко Панчев…
„Игравме против исклучително силен состав на Данска, но апсолутно не се исплашивме туку максимално храбро пристапивме на натпреварот и тоа резултираше со голот на Митко Стојковски. Но, на почетокот од второто полувреме дојде до тој контроверзен момент. Кога ја добив топката на средината од теренот енергичено тргнав во напад, а зад мене се залепи Јон Јансен кој цели 7-8 метри безобразно ме влечеше за дрес. За да се ослободам малку нервозно изреагирав, што не е невообичаено во фудбалот, и малку го зафатив со дланката. А, тој изреагира како да добил најсилен удар… Да биде иронијата уште поголема, главниот судија Ван дер Енде досуди прекршок во наша корист, а потоа под притисок на Данците, Шмајхел дотрча дури од својот гол да реагира, ми додели црвен картон. Немаше кој не остана зачуден на стадионот. Судијата целосно се изгуби, но очигледно беше дека сака да им помогне на Данците, кои беа немоќни на теренот. А, уште позачудувачки е што добив казна од четири натпревари, но тогаш како млада федерација воопшто не бевме заштитени од УЕФА. Туку напротив, огромна непотребна казна, само за да не неутрализираат во тие квалификации“ – се потсетува Дарко Панчев.
„Каков беше односот на УЕФА тогаш доволен показател е што потоа по дуелот со Кипар, на кој очекувано беше исвиркувана химната, што и денес воопшто не е невообичаено на фудбалските терени Македонија беше казнета до крај на квалификациите да игра без публика. Апсолутно, драстично високи казни од УЕФА, навистина непотребни“ – вели Златко Калински.
А, од тој состав кој настапи против Данците во Скопје, сега во стручниот штаб на националниот тим во Копенхаген се и Илија Најдоски и Зоран Бошковски – Чоко.
==============================================
ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ СО ДАРКО ПАНЧЕВ И ЗЛАТКО КАЛИНСКИ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

