Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Покетино, е меѓу потенцијалните тренери кои треба да го наследат Јуп Хејнкес на кормилото на Баерн Минхен по крајот на оваа сезона. Се зборуваше дека Покетино може да биде новиот предводник на ПСЖ, неговиот поранешен клуб. Се наоѓа на списокот и кај Флорентино Перез, но Зидан засега ја чува работата. Сега е меѓу фаворитите за кормилото на германскиот првак, а истото го потврди и екс-ѕвездата на Баерн, Дитмар Хаман.
„Знам дека претставници на Баерн Минхен веќе стапиле во контакт со Покетино, и знам дека тој е во потесниот круг на тренери од кои клубот треба да одлучи за еден како наследник на Хејнкес. Некои велат дека следниот тренер на Баерн треба да биде Германец, таа карактеристика е важна, но тоа не значи дека така и ќе биде. Не треба да се бара перфекција, туку тренер кој одговара на карактеристиките на клубот, дури ни Пеп не беше перфектен избор. Јас сметам дека Покетино е вистинскиот избор моментално“, истакна Хаман.
Аргентинскиот стратег го трансформираше Тотенхем за само неколку години. Константно се при врвот во Англија, неколку сезони во низа учествуваат во европската елита, а знае како да го истакне најдоброто од Хари Кејн, му помогна да стане еден од најдобрите голгетери во моментов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА