Јувентус се подготвува за разделба од Масимилијано Алегри, но „старата дама“ има проблем да најде соодветна замена и да ангажира стратег со кој сериозно ќе атакува на трофејот во Лигата на шампионите. Зидан уште во текот на сезоната го откачи Јуве и се врати назад во Реал, италијанскиот првак доби негативен одговор и од Конте, а според последните информации нема никакви шанси ниту за ангажман на Маурицио Покетино.
Претседателот Ањели токму во Аргентинецот гледал идеален наследник на Алегри, стратег што долги години би останал во Торино и би раководел со овој проект, но првиот човек на Јуве останал шокиран од барањата на менаџерот на Тотенхем. Поточно, Покетино побарал четиригодишен договор за плата од 20 милиони евра по сезона, сума што е речиси тројно повисока од она што моментно го заработува Алегри.
Покетино е свесен дека по обезбеденото финале во ЛШ ќе си осигура и далеку побогат договор во Тотенхем, па ќе настојува доколку веќе си замине од лондонскиот клуб, тоа добро да го наплати. Јувентус сепак не е подготвен да плати толку висока сума за тренер, поради што италијанските медиуми најавуваат дека преговорите воопшто нема да продолжат.
Како што стојат работите, Ањели ќе го задржи Алегри на уште една година, со оглед на фактот дека договорот со тренерот на Јуве секако истекува во 2020, а потоа повторно ќе се обиде да го убедува Пеп Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА