Тотенхем се бори за трофејот во ФА Купот на Англија и за четвртото место во Премиер-лигата, но Маурицио Покетино истовремено и ги планира наредните потези за засилување на својот тим во летниот преоден рок. Едно е сигурно, „спарси“ ќе бидат принудени да го продадат Тоби Алдервирелд, белгискиот дефанзивец кој се прикажа во одлично светло, но одбива да потпише нов договор. Актуелниот договор на Белгиецот истекува во јуни 2019 година, па Покетино ќе го продаде за да не ризикува следното лето да го загуби без никаква отштета.
Англиските медиуми јавуваат дека Тотенхем очекува да заработи 40 милиони фунти на Алдервирелд, а потоа за многу пониска сума да ангажира и достојна замена. Покетино веќе и го има избрано наследникот на Белгиецот – Џони Еванс од ВБА, кој е достапен за само три милиони фунти доколку неговиот тим испадне од Премиер-лигата.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед се наоѓа на листата со желби на Арсенал и на Манчестер сити, но Покетино е оптимист дека ќе успее да го убеди Еванс да му се приклучи на амбициозниот состав на Тотенхем, ветувајќи му значајна минутажа (нешто што не може да му го гарантира Пеп Гвардиола).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА