Покетино ја откачи Астон Вила, за него во моментов постои само еден клуб

Маурицио Покетино категорично ја отфрлил можноста да седне на клупата на Астон вила, откако бил исконтактиран од челниците на англискиот премиерлигаш и добил понуда да го наследи Стивен Џерард на „Вила Парк“. Аргентинскиот стратег е без ангажман откако летово си замина од клупата на ПСЖ, но извори блиску до Аргентинецот тврдат дека тој е во исчекување на понуда од само еден клуб – Тотенхем.

Покетино своите најдобри денови во тренерската кариера ги мина токму како тренер на „спарси“, клуб со кој не освои трофеј, но стигна до финалето на Лигата на Шампионите и ги промовираше Кејн и Сон во нови „ѕвезди“ на светскиот фудбал. Во Тотенхем се презадоволни од работата на Антонио Конте, но Италијанецот има уште нецела година од договорот и упорно одбива да ја продолжи соработката.

Италијанските медиуми најавуваат дека Конте е главен фаворит за нов тренер на Јувентус, а Покетино ја чека токму таа шанса, со заминувањето на Италијанецот од Тотенхем, тој да се врати на испразнетото место во поранешниот клуб. Останува да се види како ќе се одвиваат работите во наредните месеци, но едно е јасно – Покетино по земената богата отштета од ПСЖ може да си дозволи да одбива понуда и да чека повик од Тотенхем.

Се вчитува...