Маурицио Покетино има причина за загриженост откако Челси претрпе уште еден пораз, четврти во низа на гостински терен откако „сините“ загубија со 2-1 на дуелот со Вулверхемптон.
Покетино и неговите избраници имаат за што да жалат ако се земат во предвид неколкуте нереализирани зицери при 1-0, особено оној на Стерлинг кога Челси имаше тројца фудбалери против домашниот голман, но Стерлинг реши сам да шутира и не реализираше.
„Јасно е, не победивме затоа што направивме многу грешки. Самите сме најголеми виновници, самите сме си најголеми непријатели. Создадовме доволно шансиза да стигнеме до цел плен, а се враќаме дома. Така е во Премиер-лигата, ова е натпреварување во кое промашувањата се казнуваат“, изјави Покетино.
Според „Опта“ статистиката, Челси има создадено 57 стопроцентни шанси за гол, од кои фудбалерите на Покетино промашиле дури 36.
„Зборувавме на оваа тема на стартот од сезоната, ние сме млад тим, со фудбалери за кои ова е прва година во ПРемиер-лигата. Сепак, на крајот се сведува на едноставна работа – ако сакаш да победиш мораш да дадеш гол. Сезонава примаме и премногу голови од корнари, тоа ни се повтори и против Вулвс. Сепак, младите тимови учат од вакви натпревари и верувам дека и ние ќе извлечеме поука“, истакна стратегот на лондонскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА