Покетино се шегуваше, а Реал веднаш одговори со официјално соопштение

Пред финалето од Лигата на шампионите кое се игра во Мадрид, тренерот на Тотенхем Маурицио Покетино одлучи пред шпанските медиуми да се пошегува околу подготовките за големото финале со Ливерпул.

„Ќе тренираме во тренинг-центарот на Реал, а ќе бидеме сместени во хотел во близина. Го прашав Флорентино Перез да ни дозволи и спиење во комплексот, но ми одговори дека тоа ќе му го дозволи само кога ќе станам тренер на Реал“ – се пошегува Покетино.

Но, очигледно таа изјава на аргентинскиот стратег не му беше смешна на Реал Мадрид кој веднаш се појави со официјално соопштение.

„Реал Мадрид е изненаден од изјавата на Маруцио Покетино во која зборува за барањата неговиот тим да отседне во нашиот центар. Сакаме да кажеме дека не сме добиле никакво барање. Нашиот клуб е на распологање на сите од УЕФА, Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Атлетико Мадрид, Ливерпул и Тотенхем. Сите барања кои ги добивме се однесуваа на користење само на терените за тренинг. И сите се одобрени. Исто така, сакаме да напоменеме дека сместувањето на финалистите е прашање кое го решава УЕФА“ – се вели во соопштението од „кралскиот клуб“.

 

Се вчитува...