Челси катастрофално ја почна сезоната, но лондонскиот клуб со серијата добри игри во последните два месеци успеа да обезбеди излез во фудбалска Европа. Сепак, тоа може да се покаже недоволно за Маурицио Покетино да остане на чело на „сините“ од Лондон, откако британските медиуми повторно известуваат за неизвесната иднина на Аргентинецот на „Стемфорд бриџ“.
Раководството на клубот веќе промени неколку тренери откако Тод Боели застана на чело на Челси на местото на Роман Абрамович. Американскиот милијардер го најавуваше Покетино како предводник на долгорочен проект со голем број млади фудбалери, но односот меѓу газдата и тренерот во последните месеци беше значително нарушен.
Боели веќе не е убеден дека Аргентинецот е вистинскиот стратег за предводник на овој проект и разгледува други опции на пазарот. Како кандидати се споменуваат Де Зерби од Брајтон и Мекена од Ипсвич, кој важи за исклучително талентиран стратег кој за две години го одведе Ипсвич од Првата дивизија преку Чемпионшип до Премиер-лигата. Засега не се исклучува ниту можноста Покетино да остане, а челнците на Челси најдоцна до крајот на овој месец ќе ја донесат конечната одлука околу тренерот за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА