Во мак-баскетот не може без драми и тензии. На околу два месеци пред стартот на новата сезона во кошаркарскиот шампионат, повторно се бранува јавноста во овој спорт откако половина клубови не го испочитуваа дадениот рок од страна на МКФ за уплата на котизацијат за сезоната 2018/19.
Куќата на кошарката уште на 9 јули ја објави оваа информација, посочувајќи го 6 август како последен рок за уплата, за како што објасни МКФ – „да се има јасна слика за тоа кои клубови планираат да учествуваат во ПЛМ како и да им се даде евентуална шанса на клубовите од ВЛМ, а воедно и да се одлучува по прашањето за зголемувањето на ВЛМ односно намалување на бројот на учесници во Првата Лига“.
А дека работите нема да течат по планот ниту во наредната сезона доказ е фактот дека само половина од клубовите ги подмириле своите обврски. Причините се вообичаени, за жал веќе станаа и нормални – немањето на општински пари во клупските буџети, за овие потоа да ги подмират обврските кои треба да ги платат. Иако останува можност парите да бидат уплатени кон крајот на работниот ден, а на сметката на МКФ да се појават во текот на утрешниот ден, сепак речиси сигурно е дека неколку клубови нема да го сторат тоа – бидејќи чекаат уплата на општински пари што нема да може да се случи до крајот на овој месец.
„Информацијата е објавена на веб-страницата на федерацијата, воедно и испратена до клубовите на 9 јули. Потоа имаме испратено потсетување за истата и на 20 јули и на 27 јули. Ваквиот однос е максимално несериозен и се деградираат сите оние кои чесно и навремено ги исплаќаат своите обврски“ – порачуваат од куќата на кошарката.
На потег сега е токму МКФ, каде ќе мора што поскоро да се состане Управниот Одбор и да се дискутира за наредните чекори. Првите најави беа дека неплаќачите ќе бидат казнувани драстично, се споменуваше и исклучување од лига, но прашање е дали сега ќе се има храброст за таков „рез“ во ситуација кога меѓу оние кои немаат платено има и прваци на Македонија. Пред Наумоски и неговите соработници е тешка одлука, дали со цврст потег да се тргне во децидно спроведување на правилата што самите тие ги поставуваат, или повторно ќе се поставуваат нови рокови и ќе се моли за наплата на сумите што се должат кон МКФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА