Политиката повторно го победи спортот откако денеска беше откажан дуелот меѓу Роџер Федерер и Александар Зверев што требаше да се игра во Богота.
Двајцата тенисери минаа по неколку дена во главниот град на Колумбија, но поради затегнатата политичка состојба во земјата и протестите низ улиците на Богота, организаторите беа принудени да го откажат дуелот на тениските „ѕвезди“. Околу 14.000 тениски фанови пристигнаа во „Мовистар Арена“ за да го следат овој меч, поради протестите во близина дуелот најпрвин беше одложен за два часа, за на крајот да биде донесена одлука што на навивачите им ја соопшти самиот Федерер.
„Срцето ми е скршено за луѓето во Богота. Сепак, поради нередите, за жал, нема да можеме да го играме мечот што сите толку долго го чекавме. Ви ветувам на сите, јас и Саша ќе се вратиме и ќе им дадеме можност на нашите фанови во Колумбија да видат како играме. Со сите прекрасни спомени од Богота во 2012 година, едвај чекам повторно да се сретнеме“ – порача Федерер, добивајќи аплаузи од присутните.
Новиот термин на откажаниот тениски дуел дополнително ќе биде утврден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА