Полска е во потрага по нов селектор откако денеска и официјално беше прекината соработката со Фернандо Сантош, португалскиот стручњак кој воопшто не се прослави како предводник на оваа селекција.
Сантош по СП во Катар си замина од клупата на Португалија, по што Полјаците побрзаа да го доведат на кормилото на својата национална селекција. Тоа се покажа како погрешен потег, репрезентацијата на Полска играше крајно неатрактивен фудбал под негово водство, a во последните месеци беа претрпени и разочарувачки порази од Молдавија и од Албанија.
Полска моментно е четвртопласирана во својата група и јасно беше дека мора што поскоро да се реагира за да се вратат шансите за настап на ЕП 2024. Вчерашните разговори за спогодбен прекин на соработката не вродија со плод, се чинеше дека Сантош ќе добие нова шанса, но Полјаците денеска се премислија и решија да му врачат отказ на селекторот.
Новиот селектор на Полска ќе дебитира на гостински терен против Фарските Острови на 12 октомври, последна шанса за влегување во победнички ритам и залет во финишот од квалификациите, за добивање на виза за ЕП 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

