Полските кошаркари со голем респект гледаат на нашата национална селекција во пресрет на денешниот дуел од второто квалификациско коло заа Евробаскет 2025. И двете селекции претрпеа порази во првата рунда, но позитивно за Полска е што оваа селекција без оглед на резултатите во квалификациите има билет за ЕП, како еден од домаќините на овој континентален собир.
Без оглед на се, „црвено-белите“ ќе ја имаат улогата на големи фаворити на дуелот во Сосновиец, особено по двете убедливи победи над нашата селекција на контролите во Белград минатото лето, со 97-81 и со 84-52. Сепак, домаќините се претпазливи бидејќи за разлика од тие натпревари, овојпат Ненад Димитријевиќ е во топ-форма како предводник на македонскиот национален тим, а во меѓувреме го добивме и Итан Хап како натурализирано засилување за борбата под обрачите.
„Македонија е добра репрезентација, играат агресивна кошарка. Го гледавме нивниот меч против Естонија, се сеќавам на нашите дуели со Македонците од минатата година, ова е сосема поинаква репрезентација. Играат во сосема поинаков стил, многу се поагресивни и јасно ни е дека ќе мораме да одиграме 100% од почеток до крај ако сакаме да победиме“, изјави Јакуб Гарбач, кошаркарот на Анвил кој повторно е дел од полската репрезентација.
Матеуш Понитка дефинитивно го пропушта дуелот со Македонија откако веќе се врати назад во Партизан, а селеторот Миличиќ на негово место го повика Миколај Витлински од тимот на Трефл Сопот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА