МЗТ Скопје загуби убедливо од Црвена Звезда во првиот меч од вториот круг од натпреварувањето во АБА-лигата, очекуван исход со оглед на огромната разлика во квалитет меѓу македонскиот првак и тимот што гаи сериозни амбиции и во Евролигата.
Полната сала во „Јане Сандански“ потсети на некои поубави кошаркарски времиња, кошаркарски празник со две навивачки групи на трибини кој мина без ниту ден инцидент. И вистинска штета е што вакви празници сезонава следиме само кога во градот доаѓаат Партизан и Црвена Звезда, наместо „сино-белите“ да добиваат силна поддршка од трибините буквално на секој натпревар.
Не е никаков проблем што луѓе кои навиваат за Партизан или за Звезда доаѓаат во „Јане Сандански“ за да ги бодрат своите миленици кои не дошле во Македонија со години. Проблемот е што кај навивачите на МЗТ не се создава култ за бодрење на тимот – едвај стотина припадници на „Фемили Аеродром“ и околу илјада фанови на останатите домашни натпревари, тоа не се бројки за гордост на еден тим кој по долга пауза се врати во елитното друштво во АБА1.
Неспособноста на управата да покрене квалитетна кампања не смее да биде никаков изговор, исто како и слабите игри и резултати на тимот, затоа што поддршката е најпотребна сега, кога работите не одат како што треба. А тимот за кого се навива се сака и кога победува, но и кога губи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА