Полни трибини во Битола: Пелистер – Вардар во „вечното дерби“!

По завршувањето на репрезентативната пауза, се чини, најдобро враќање на фудбалските терени во Македонија сo „вечното дерби“ меѓу Пелистер и Вардар кое денеска од 15 часот го отвора 25. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Ова е 81-во „вечно дерби“ на Македонија во кое Вардар е далеку поуспешен со 43 победи, наспроти само 17 на Пелистер, а 20 натпревари во историјата меѓу двете екипи завршиле без победник.

Но, се чини, сега е ситуација во која Битола сака победа, без разлика што се главно израмнети екипи во меч во кој на Вардар бодовите му се далеку понеопходни.

Како што најавуваат домаќините, трибините на стадионот „Петар Милошевски“ ќе бидат исполнети до крај ако се знае и дека целиот приход од продадените билети ќе биде наменет за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

Искусниот стопер на Пелистер, Александар Ристевски, најави дека домаќинот ги посакува трите бода.

„Се игра најголемото дерби во македонскиот фудбал. Горд сум што го носам дресот на Пелистер и ќе се борам за клубот и за градот. Мотивацијата е на највиско ниво, Вардар максимално го респектираме и почитуваме, но одиме на три бода. Ќе играме за градот, клубот, навивачите и за нас“ – порача Ристевски.

На дербито нема да бидат присутни „Комитите“ кои се одлучија на ваков чекор поради трагедијата во Кочани.

ПРВА ЛИГА – 25. КОЛО (денеска, 15 часот)

Битола: ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР

ПОНЕДЕЛНИК (31 март, 15 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – АП БРЕРА

Кратово: СИЛЕКС – ТИКВЕШ

Скопје: ГОСТИВАР – ВОСКА СПОРТ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – БЕСА

Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ

Се вчитува...