Карло Анчелоти го напушта Реал Мадрид на крајот од оваа сезона, по четири години соработка, и станува нов селектор на бразилската репрезентација.
Реал Мадрид веројатно ќе остане без трофеј сезонава, откако испаднаа од Лигата на шампионите, а синоќа загубија и од Барселона во финалето на Купот на кралот. Каталонците се секако многу поблиску до титулата шампиони на Шпанија.
Лошата сезона значи заминување на Карло Анчелоти од клупата на кралскиот клуб. Иако има уште една година од договорот, легендарниот Италијанец заминува на крајот од оваа сезона, а веќе е познато дека ќе продолжи како нов селектор на Бразил.
„Претставникот на Бразилската фудбалска асоцијација е во Севилја. Тие ќе разговараат со Карло Анчелоти во текот на денов за да ги финализираат деталите за преземањето на оваа репрезентација. Договорот е секако веќе постигнат“ – објавија бразилските медиуми.
Со Анчелоти завршува една ера на Реал. Тоа беа најдобрите четири години во кои шпанските гиганти играа врвен фудбал. Во својот втор мандат на клупата на гигантите од Мадрид, Дон Карло освои два трофеи во Лигата на шампионите и Ла Лига, по два Суперкупа и светски клупски ФИФА титули, како и еден трофеј во Кралскиот куп.
Анчелоти ќе биде претставен во Бразил веднаш по завршувањето на сезоната и ќе ја предводи оваа селекција на Светското првенство 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА