Полска најде нов селектор за Левандовски

Полската Фудбалска Федерација го именуваше Јан Урбан за нов селектор на националниот тим, откако претходниот кормилар Михал Пробжеј мораше да ја напушти функцијата по конфликтот со главната „ѕвезда“ Роберт Левандовски.

Голгетерот на Барселона јасно стави до знаење дека повеќе нема да игра за Полска додека Пробжеј е селектор, по што веднаш следеше смена на кормилото, најпрвин актуелниот кормилар самиот се повлече, за денеска за нов селектор да биде именуван 63-годишниот Урбан.

Станува збор за поранешен репрезентативец кој има 57 настапи како играч за Полска. Урбан првите тренерски чекори ги направи во младинскиот тим на Осасуна во Шпанија, а првиот самостоен тренерски ангажман му беше во Легија во 2007 година. Тој беше асистент на селекторот на Полска на ЕВРО 2008, а последен ангажман му беше во Горњик Забже, од каде доби отказ во април годинава.

Урбан, кој е петти селектор на Полска во последните пет години, ќе има пеколно деби на кормилото на националниот тим ако се знае дека на 4 септември го очекува гостување против Холандија.

Се вчитува...