Репрезентацијата на Полска претрпе уште еден катастрофален пораз во главната фаза од ЕП 2022, откако „црвено-белите“ вечерва загубија од Шведска со убедливи 28-18. По синоќешното дефанзивно фијаско против Норвешка и примените 42 погодоци (рекорд на еден меч од ЕП), полските ракометари вечерва целосно потфрлија во нападот, постигнувајќи прескромни 18 погодоци, голем дел од нив во последните десет минути во кои победникот веќе беше решен.
Од самиот почеток стана јасно дека Шведска ќе доминира на оваа средба, а Полјаците резултатски беа блиску само во првите петнаесетина минути, кога нивниот голман Корнецки одбрани неколку зицери на противниците. Сепак, проблемите во нападот беа преголеми, Полска во преостанатите 15 минути од првото полувреме постигна само еден единствен гол (и тој од пенал), па на одмор замина со негатива од 14-6. На почетокот од второто полувреме со серија одбрани блесна шведскиот голман Тулин, скандинавската селекција набрзина стигна до двоцифрена предност (17-7), што рутински ја одржуваше се до конечните 28-18.
Морито и Крајевски со по пет гола беа најефикасни во полскиот состав, додека во таборот на Шведска меѓу стрелците се запишаа десет различни ракометари, меѓу нив најефикасни беа Мелегард, Ване и Петерсон со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА