Последното коло ќе даде многу одговори околу изгледот на табелата во групата Д откако Франција во последниот меч од четвртата рунда славеше над Полска со резултат 83-76, па сега Французите, Полјаците и Израелците се на делба на првата позиција.
Полска влезе со перфектни 3-0 во вечерашниот дуел, но домашната селекција и покрај полните трибини во салата во Катовице не успеа да најде начин да ја продолжат триумфалната серија. Главен „виновник“ за тоа е францускиот центар Јабуселе, кој го одигра својот најдобар меч на овој европски шампионат, со 36 поени предводејќи ги „триколорите“ до оваа голема победа.
Полска по првото полувреме имаше предност од 44-41, но Французите уште во раната фаза од третата четвртина презедоа контрола над резултатот. Домаќините не се предадоа, се вратија од убедлива негатива стигнувајќи до „минус четири“, но немаа сили за целосен камбек и пресврт, па Окобо со тројка на девет секунди до крајот стави печат на победата, на крајот изразена со конечните 83-76.
Покрај фантастичниот Јабуселе и неговите 36 поени, одличен кај Французите беше и Окобо со 14 поени и 10 асистенции. Прв стрелец на Полска беше Лојд со 18, пред Понитка со 16 поени.
Во последното коло Полска ќе се сретне со Белгија, Франција за противник ќе ја има веќе испаднатата селекција на Исланд, а од трите водечки селекции во оваа група најтешка задача ќе има Израел, против Словенија предводена од Лука Дончиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

