Тетовска пресметка меѓу Шкендија и Ренова и дуелот меѓу Пелистер и Академија Пандев се полуфиналните пресметки во Купот на Македонија. Првите натпревари денеска од 14 часот во Тетово и во Битола.
Шкендија, без сомнение, силно ја посакува двојната круна сезонава. На добар пат се веќе да го донесат трофејот во шампионатот, а преку Ренова ќе се обидат да дојдат да дојдат до финалето од Купот. Јасно е дека „црвено-црните“ ја носат фаворитската улога пред денешната пресметка…
„Нашата желба е секако финале во Купот, иако апсолутно не можеме и не сакаме да ја потцениме екипата на Ренова. Ќе бидат тешки дуели, посебно и поради густиот распоред на натпревари сезонава, но денеска одиме на позитивен резултат како реваншот потоа би ни бил полесен“ – вели стратегот на Шкендија, Ќатип Османи.
Пелистер, пак, игра во одбрана на минатогодишниот трофеј. Иако сосема јасно е дека по сите оние турбуленции зимава во клубот сега „зелените“ се далеку од фаворити против Академија Пандев. Струмичани во дебитанската сезона во Првата лига се желни да стигнат и до своето прво финале во Купот на Македонија во историјата.
„Пелистер е бранител на трофејот и ние тоа многу добро го знаеме. Ќе бидат два неизвесени натпревари. Наша желба е секако финалето, па низ 180 минути квалитетна игра се надевам дека ќе успееме да се избориме за истото“ – вели најдобриот офанзивец на Академија Пандев, Зоран Балдовалиев.
КУП НА МАКЕДОНИЈА – ПОЛУФИНАЛЕ (денеска, 14 ч. – први натпревари)
Тетово: ШКЕНДИЈА – РЕНОВА
Битола: ПЕЛИСТЕР – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ
- Реваншите се играат на 11. април од 16 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА