ЕКИПА во Атина,
Стеван Цаневски
Ракометарите на Алкалоид играат одлично прво полувреме и на паузата имаат предност од 14-16 на гостувањето против АЕК, на првиот финален дуел од двомечот во финалето од ЕХФ Европскиот куп. Грчкиот тим има фантастична поддршка од трибините, но избраниците на Лазаров не потпаѓаат под атмосферата, играат максимално дисциплинирано, знаат да ги искористат своите шанси и заслужено водат по првите 30 минути игра во Атина.
AEK подобро го отвори мечот, со гол за 1-0, а потоа и одбранет зицер на спротивната страна кога Петковски не успеа да стрела прецизно од крило. Грците имаа и 2-0, а Алкалоид првиот погодок го псотигнаа во 4. минута со пеналот на Серафимов што го изнуди Франциско. Ивановски погоди веќе во следниот напад за 2-2, а младиот Петковски во 6. минута донесе прво водство на Алкалоид во финалето.
Грчките навивачи создадоа фантастична атмосфера, но „сино-белите“ воопшто не се исплашија, Кизиќ влезе во серија интервенции, а Младеновиќ од контранапад донесе предност од 4-5. AEK даде два гола во низа и повторно стигна до минимално водство. Стојковиќ даде гол за 8-9 вп 17. минута, но веќе во следниот напад младиот пивот доби две минути исклучување. Само што се врсати во игра, Стојковиќ повторно беше исклучен, „Жолто-црните“ го искористија тоа и во 22. минута поведоа со 12-11. Младиот Дамјан Митев презеде одговорност кога беше тешко и донесе израмнување од 12-12, но потоа дојде до криза во играта на Алкалоид, а АЕК го искористи тоа и поведе со 14-12.
Алкалоид покажа карактер, даде два гола преку младите Митев и Петковски и експресно израмни на 14-14, но потоа во 27. минута исклучен беше Мартин Велковски. Дури и со играч помалку Алкалоид два пати се одбрани, а Маркоски и Франциско погодија за прво водство од плус два (14-16). При овој резултат „сино-белите“ имаа и зицер за 14-17, но Петковски направи престап од контранапад. Двете екипи промашија по два напада до крајот на полувремето, па Алкалоид заминува на одмор со „плус два “ (14-16).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

