ЕКИПА во Манчестер,
Владимир Булатовиќ
Англичаните се пред победа на „Олд Трафорд“ против репрезентацијата на Македонија, откако на полувремето имаат предност од 3-0. За првпат во историјата, Англичаните стигнуваат до предност на домашен терен против нашата селекција, и тргнаа кон трите бода уште во првите 45. минути. Головите ги постигнаа брзо, во последните 15 минути од полувремето за убедлива предност.
Долго време Англичаните го бараа патот кон голот. Доминираа во сите сегменти, на моменти само ги оставаа нашите репрезентативци да прават неколку комбинации на средината на теренот, меѓутоа без некоја сериозна закана кон Пикфорд.
Голеадата во првиот дел ја почна Кејн во 29. минута. По акција од левата страна, Шо го проигра осамениот Кејн кој стрелаше лесно во мрежата на Димитриевски. Десет минути подоцна Сака успеа да го совлада нашиот голман по една долга акција по левата страна. Сака на крајот оставен сам, Зајков не стигна да изблокира, и топката е во мрежата на Димитриевски.
И кога се очекуваше крајот на првиот дел, за да се соземеме, нова акција на Англичаните по левата страна, Хендерсон го проигра осамениот Рашфорд за предност од 3-0. Рашфорд само минута претходно од „зицер“ позиција не успеа да го совлада македонскиот голман, кој одлично одбрани.
Македонија ги чека тешки 45. минути во вториот дел. Тешко се доаѓа до позиција за закана, а Англичаните ако продолжат вака, дефинитивно ќе имаат уште некоја шанса за уште некој гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА