ПОЛУВРЕМЕ БЕЗ ГОЛОВИ: Миовски пропушти „златна“ шанса, Италија ја погоди стативата

Полувреме без голови играат Македонија и Италија, но со неколку добри шанси на двете страни. Миовски промаши чист гол, Италија погоди статива. Но, во секој случај Македонија е рамноправна со Италијанците во првите 45. минути. Се води голема борба, особено на средината на теренот. Очекувано, Италија чека грешка на Македонија, но одбраната функционира беспрекорно.

Македонија го почна мечот борбено, растрчано, мотивирано… Италијанците ја имаа нешто повеќе топката во почетните мигови, но македонските репрезентативци не им дозволија многу да играат Како одминуваше времето, така двете селекции сакаа повеќе да ја задржат топката, играа со многу додавања, па се редеа и шансите.

На првите возбудувања се чекаше 14 минути, кога се случи и првата акција на Италијанците. Комбинација Барела и Димарко, овој вториот се обиде да упати топка кон Политано, но навреме реагираше Муслиу.

И после пет минути најдобрата шанса на Македонија во првиот дел! Алиоски краде топка по левата страна, претрчува пола терен, асистира до Миовски, кој со глава беше сам, но непрецизен. Топка само крај голот на Донарума кој остана „здрвен“ и сигурно немаше ништо да стори ако топката одеше во голот.

Две минути подоцна и најдобрата шанса за Италија. Барела одлично го проигра Тонали кој излезе сам пред Димитриевски, но шутира само во стативата. Веднаш потоа Кристанте во одлична можност по изведен корнер од Димарко, но Димитриевски успеа да одбрани.

Следуваше и шутот на Елмас во 38. минута, но Донарума беше сконцентриран. Во 41. минута шанса за Италија преку Тонали повторно, но блокираше Алиоски во последен момент, а потоа Столе Димитриевски во обид да ја земе топката се повреди, и имаше прекин на мечот, но нашиот голман се врати на голот, иако на стартот изгледаше посериозно.

 

Се вчитува...