ЕКИПА во Клуж
Билјана Благоеска Петрушева
Македонија е на чекор до пласман на СП 2019 откако „црвено-жолтите“ со солидна игра во првото полувреме губат само со еден гол разлика (12-11) на гостувањето во Клуж против Романија. Оние „плус осум“ од пред неколку дена од Скопје се гаранција за виза за Данска и Германија, но нашите ракометари не смеат да си дозволат криза како онаа од десетина минути во првото полувреме, кога му дозволија на противникот да направи целосен пресврт, па во еден момент да поведе и со три гола разлика.
Првото полувреме го почнавме токму онака како што посакувавме, со добра игра во одбраната ставајќи му до знаење на противникот да не се надева на чудесен камбек на денешниот реванш. Романците пак се обидоа со „седум на шест“, но Раул Гонзалес ги имаше подготвено нашите ракометари за такво нешто, одбраната на чело со Борко Ристовски повторно функционираше беспрекорно, па по десет минути игра резултатот гласеше 1-4 за Македонија.
Во продолжението се соочивме со проблеми во нападот, не наоѓавме одговор за поагресивната зона на домашната селекција, па Романија во 18. минута израмни на 7-7, а две минути подоцна и да поведе со 8-7. Во овој период промашуваа и Талески и Лазаров, потоа Манасков, па дури и голманот Борко Ристовски, кој имаше неуспешен обид од својата половина да ја затресе мрежата на противникот кој остана без голман на својот гол.
Ристовски одбрани зицер, но на спротивната страна Талески уште еднаш не беше прецизен од идеална ситуација, па серијата без гол на Македонија продолжи повеќе од осум минути. Романија погоди за 9-7, па имавме нов зицер преку Талески, кој трет пат по ред осамен од шест метри не успеа да го матира домашниот голман. Гонзалес при негатива од 10-7 го уфрли во игра Прибак на местото на индиспонираниот Талески, за серијата без примен гол конечно да ја прекине капитенот Кире Лазаров.
Во финишот од полувремето Македонија ја врати сигурноста во нападот и намали на 11-10 преку Манасков, Стоилов беше прецизен за 11-11, за Романија со гол во самиот финиш да стигне до водство од 12-11, резултат со кој се замина на одмор.
Факт е дека квалитетот е на наша страна, падот во играта во дел од мечот беше надминат, па остануваат само уште 30 минути игра за да се стигне до билетот за учество на СП 2018 во Германија и во Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА