ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Македонија одигра фантастично прво полувреме во Берлин против Швајцарија и на одмор замина со заслужена предност од 13-9. Мартин Томовски блеска на голот со седум интервенции, но генерално гледано целата наша игра е на високо ниво, како во нападот, така и во одбраната. Успеавме да ги неутрализираме Швајцарците и кога се обидоа со „седум на шест“, во нападот грешките ги сведовме на минимум, а Лазаров викна тајмаут во вистински момент, па во завршните пет минути ја кренавме предноста од два на четири гола.
Македонија тргна со истиот стартен состав во нападот, Џонов,Талески и Јагуриновски како бекови, Пешевски на линијата од шест метри и Ненад Костески и Атанасијевиќ како крила. Единствената промена е онаа голманската, Томовски почна од првата минута на голот на местото на повредениот Митревски. Нападот на почетокот функционираше добро, па преку Талески и Костески поведовме со 1-0 и 2-1, но Анди Шмид со два гола експресно возвраќаше за Швајцарија.
Томовски блесна со одбранет зицер при 2-3, со што нашиот голман спречи противникот во седмата минута да поведе со два гола предност. Одбраната на стартот беше на далеку повисоко ниво отколку на првите две средби, но се мачевме во нападот, промашувајќи и зицер од контра преку Атанасијевиќ при 3-3, на почетокот од 11. минута. Во следниот напад Пешевски биеше само во дирекот, но на голот го имавме одличниот Томовски, кој со две нови интервенции не дозволи противникот да ги казни нашите промашувања (4-4, 15. минута).
При наше водство од 6-5 Швајцарците тргнаа со „седум на шест“, но Томовски запре уште еден нивни обид, па Митев со својот втор гол на спротивната страна донесе прво водство на Македонија од „плус два“ (7-5, 19. минута), принудувајќи го противничкиот селектор на тајмаут. Веднаш по тајмаутот умешно украдовме топка преку Велковски, по што Костески погоди од сопствената половина за предност од 8-5. Противникот беше во нокдаун, па Пешевски со нов гол зголеми на 9-5 на десет минути до крајот на полувремето.
Шоуто на Томовски продолжи со одбраетиот пенал на Шмид, Кузмановски погоди за 10-5, а нашата серија од шест гола конечно ја прекина Самуел Зендер со гол од крило. При 10-7 и Кире Лазаров се реши за напад „седум на шест“, но имавме нова загубена топка, по што при наше водство од 10-8 и три гола во серија на противникот, Лазаров го побара нашиот прв тајмаут на натпреварот. Јагуриновски се врати на терен и со асистенција (до Пешевски) и гол десниот бек ја врати предноста на „плус четири“ (12-8), Томовски го продолжи своето шоу со седмата интервенција во 28.минута, па Македонија сосема заслужено заминува на одмор со водство од четири гола разлика (13-9).
Пешевски и Костески се најефикасни во нашиот табор со по три гола, по два имаат Митев и Кузмановски, но главен играч во полувремето е Томовски со серија фантастични одбрани на голот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА