ПОЛУВРЕМЕ: Ем млада, ем моќна Македонија, водство од „плус девет“ во Турција

Македонија има огромна предност од 8-17 по 30 минути игра на гостувањето против Турција, 30 минути што избраниците на Кире Лазаров ги одиграа беспрекорно и за едно полувреме практично ги решија дилемите околу победникот на овој дуел. Иако настапуваме со значително подмладен состав, националниот тим ни делува моќно, со извонредна одбрана ги исфрливме Турците од ритам од самиот почеток, а со ефикасен напад само го трасиравме патот кон победата што широко ги отвора вратите кон нов пласман на еден европски шампионат.

Првиот напад беше умешно реализиран, Ѓоргиев на линијата од шест метри го проигра Пешевски, а искусниот пивот мајсторски погоди за водство на Македонија од 0-1. Серафимов заработи исклучување, но турските ракометари не успеаја да ја искористат оваа предност, додека на спротивната страна Пешевски погоди уште еднаш, за водство од 0-2 за нашиот национален тим. Митревски беше одличен на голот со три интервенции, па откако погодија и Јагуриновски и Ѓоргиев, турскиот селектор беше принуден да побара тајмаут при негатива на неговите ракометари од 0-4.

Македонската фурија продолжи, Талески даде два гола во низа, а одбраната на чело со Митревски овозможи и брз контранапад преку Костески, за водство од убедливи 0-7 по само десет минути игра. Турците при 0-8 добија и пенал, но Томовски влезе и го одбрани седмерецот на Озтурк, за продолжување на македонското шоу во Ван, а на спротивната страна прецизен од седум метри беше Манасков.

Турција првиот гол на натпреварот го постигна во 14. минута, кога Карагоч постигна погодок за 1-9. Македонските репрезентативци продолжија да го контролираат натпреварот, Лазаров изротира дел од играчите, па меѓу стрелците се запиша и Џонов, за предност од 4-12. Домашниот состав само за момент намали на 6-12, но Македонија повторно влезе во серија пред крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 8-17.

Се вчитува...