Македонската репрезентација се наоѓа пред вториот пораз на СП 2023 откако по 30 минути игра губи од Холандија со убедливи 11-18, ист резултат како и по 30 минути игра во првото коло против Норвешка. Нашите ракометари повторно играат под своите можности, премногу осцилираат во нападот, додека во одбраната се повторуваат истите проблеми, што квалитетниот противник знае како да ги искористи. Како што стојат работите, Македонија ќе претрпе уште еден пораз во Краков, а решавачки за пласманот во следната фаза ќе биде дуелот со Аргентина, што на програмата ќе биде во вторник.
Македонија прва дојде во водство со голот што го постигна Мартин Серафимов. Нападот на почетокот ни функционираше одлично, а откако Манасков одлично погоди за 3-2, плус за нас беше и изнуденото исклучување од Лук Стајнс. И наместо тоа да биде искористено, Холандија, со играч помалку направи пресврт, поведе со 3-4 преку Каи Смитс.
Грешките зачестија, „лалињата“ тоа го искористи со лесни голови на спротивната страна, па противникот веќе во 9. минута поведе со 3-6. Лоша вест за нас беше што се разбрани голманот Равенсберген, а откако негативата стигна до четири гола, селекторот Лазаров при 3-7 побара тајмаут. Во првиот напад по тајмаутот Кузмановски изнуди пенал и исклучување, а одлична шанса да се приближиме пропуштивме кога холандскиот голман го запре зицерот од контранапад на Манасков при 5-8.
Ја вративме сигурноста во нападот, па преку Павле Атанасијевиќ, кој доби шанса на десен бек, успеавме да намалиме на 8-10, а по вториот гол на Атанасиевиќ за 9-11, холандскиот селектор Олсон го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Неговите совети вродија со плод, па Холандија експресно зголеми на 9-13. Лазаров го уфрли Томовски на голот, но проблемите продолжија, па иако повторно добивме играч повеќе, Серафимов беше запрен од Равенсберген, а Холандија погоди на спротивната страна и поведе со убедливи 9-15. Холанѓаните умешно го задржаа, па дури и зголемија водството до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 11-18.
Уште едно прво полувреме за заборав на нашите ракометари…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА