Првото полувреме од првата полуфинална пресметка меѓу Франција и Белгија донесе возбудувања, но не и почетен погодок на една од репрезентациите. Французите изгледаат подобро на теренот, успеаја да го неутрализираан Кевин де Бруин, но на спротивната страна не искористија убава можност да дојдат до предност на овој натпревар.
И двете селекции не играат пресинг на средината од теренот, внимателно чувајќи ги последните триесетина метри пред својот гол. Формацијата на Мартинез со Дембеле за згуснат среден ред засега не дава никаков резултат, членот на Тотенхем премногу греши, згора на тоа нема простор за Де Бруин да го разигра остатокот од тимот, а Лукаку не доби ниту една употреблива топка.
Азар од убава ситуација биеше крај голот, а единствениот удар во рамките на голот на Љорис го упати Алдервирелд. Најубавата шанса ја имаше Жиру, но францускиот голгетер очајно реагираше по одличното додавање на Мбапе. Младиот Французин уште еднаш извонредно асистираше во 40. минута до Павар, кој излезе очи в очи со Куртоа, но не успеа да ја затресе мрежата на Белгија.
Франција со Канте и Погба многу полесно ја контролира средината на теренот, па останува да се види што ќе промени Роберто Мартинез во играта на својот тим за второто полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

