ПОЛУВРЕМЕ: Игра под очекувањата, пет гола негатива во Берлин

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Македонија има пет гола негатива по 30 минути игра на дуелот со Германија во Берлин, меч на кој нашите ракометари повторно имаат големи проблеми во одбраната. Ако на тоа се додаде и слабото издание на Талески и на Кузмановски во нападот, јасно е зошто по едно полувреме веќе имаме сериозно заостанување во однос на домаќинот на овој европски шампионат.

Томи Јагуриновски го постигна првиот гол за Македонија, но Германците маа водство од 2-1 по првите три минути игра. Немоќта во нашиот напад стануваше се поочигледна од минута во минута, домаќините во 7. минута поведоа со 5-2, резултат при кој Филип Кузмановски не реализираше седмерец. Митревски имаше значајна одбрана, по што постигнавме двагола во низа (Костески и Талески) и намаливме на 5-4. Во 12. минута при 6-4 за Германија исклучување заработи Талески, а домаќините одговорија со три брзи гола и убедливи 9-4 на почетокот од 14. минута, пред Лазаров да го земе првиот тајмаут на натпреварот.

Митев влезе по тајмаутот и веднаш постигна погодок, додека Лазаревски и Омерагиќ застанаа на централните позиции во одбраната. При 10-6 Лазаров се реши за „седум на шест“ во нападот, но Филип Кузмановски влезе во серија грешки. Згора на тоа Омерагиќ беше исклучен во одбраната, а Германија искористи нова подарена топка од Кузмановски (трета за четири минути) и за првпат стигна до „плус шест“ (13-7). Талески се врати на теренот на местото на Кузмановски, но проблемите во одбраната продолжија, Германците лесно наоѓаа лек за сите наши одбранбени постави, постигнувајќи 15 гола за 23 минути (15-9).

Томовски застана на голот на местото на Митревски, но и тоа не промени премногу во нашата игра во одбрана, па полувремето го завршивме со  примени погодоци (18-13), по промашениот зицер на Лазаревски со кој можевме да намалиме на четири гола разлика.

Се вчитува...