ПОЛУВРЕМЕ: Имаме „плус два“, Томовски и Серафимов ја разбудија заспаната Македонија

Македонија има предност од 13-11 по првото полувреме од дуелот со Литванија, клучниот меч од квалификациите на кои ни е потребна победа од најмалку два гола разлика за да стигнеме до второто место во групата и пласман на ЕП 2026. Мечот го почнавме премногу нервозно, се најдовме во негатива од четири гола, но благодарение на одличниот Мартин Томовски на голот на Серафимов во нападот успеавме да се вратиме и на одмор да заминеме со посакуваната предност.

Првиот напад не го реализиравме преку Костески, почетните минути минаа во знакот на гостите кои во 5. минута имаа водство од 0-2. Следеше промашен шут  на Јагуриновски, па нов гол за Литванија за неочекувана предност на гостинската селекција од 0-3. Шокот во нашите редови беше огромен, а по погодокот на Думчиус за 0-4 селекторот Лазаров беше принуден да побара тајмаут по нецели осум минути игра.

Капитенот Кузмановски погоди од пенал на почетокот од 9. минута за прв гол на Македонија на овој натпревар. Мартин Ивановски влезе во ритам со два гола во низа, будејќи го нападот на нашата селекција, но во одбраната бевме под посакуваното ниво, па Лазаров беше принуден веќе во 13. минута на голот да го уфрли Томовски на местото на Митревски (при 3-6 з противникот). Тој веднаш блесна запирајќи го литванскиот бек Маласинскас, по што преку Костески намаливме на само еден гол разлика (5-6). Серафимов влезе на половина од првото полувеме и веднаш стрелаше прецизно носејќи израмнување (7-7).

При 7-8 имавме напад со играч повеќе и промашен зицер, за веќе во следната минута исклучување да добие и Аларов. Украдовме топиа и преку Серафимов израмнивме на 8-8, по што литванскиот селектор го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Шоуто на Серафимов продолжи со трет гол и прво водство на Македонија (9-8, 22. минута). Томовски одбрани уште еден удар, по што Атанасијевиќ стрелаше прецизно за 10-8, по што не реализиравме два напада преку Кузмановски за „плус три“. При 11-9 на три минути до крајот на полувремето исклучен беше Карасманакис, но и со играч помалку зголемивме на три гола предност (13-10) со голот на Пешевски. До крајот на полувремето гостите намалија од пенал на 13-11, со што Македонија на одмор заминува со водство од два гола, што доколку го задржиме ќе ја однесе нашата национална селекција на ЕП 2026.

Томовски има пет интервенции со над 50% успешност, додека во нападот најефикасни во нашиот табор се Серафимов со три пред Кузмановски и Ивановски со по два погодоци.

Се вчитува...