Полувреме: Литванија доминира и води со „плус 17“ во Кале

Македонија има голема негатива од 27-44 по првото полувреме од квалификацискиот дуел со Литванија што се играво „СРЦ Кале“ . Гостите целосно доминираат на натпреварот, покажувајќи физичка надмоќ со која од минута во минута го зголемуваат водството и се чини по едно полувреме го решаваат прашањето на победникот. Кристијан Николов со блесокот во завршницата и десетте поени во последните минути од полувремето спречи на одмор да заминеме со уште поголема негатива.

Палиукенас ги постигна првите поени на мечот со положување во рекетот, а Бојан Крстевски погоди под фаул за Македонија, намалувајќи на 2-4 на истекот на втората минута. Нападот не функционираше, по нецели пет минути игра резултатот гласеше 2-11, при што селекторот Јончевски го побара првиот тајмаут. Македонија уште во првите седум минути ја смени целата петорка, но немаше преголем ефект, па гостите поведоа со 4-18. Војдан Стојановски се врати на теренот и постигна четири поени до крајот на четвртината, па по десет минути резултатот гласеше 9-23.

Доминацијата на гостите продолжи и веќе во 12. минута Литванците имаа 9-30. Јончевски побара тајмаут при негатива од 17-40, Кристијан Николов презеде одговорност со одлични пет поени за нецела минута, по што Куртинаитис го зеде првиот тајмаут за гостинскиот тим при 22-40. Николов погоди уште една тројка намалувајќи на „минус 15“ (25-40), одличниот плејмејкер потоа реализираше и две слободни фрлања, но Литванците сепак го завршија полувремето со убедливи 27-44.

Николов со десет и Војдан Стојановски со шест поени се најефикасни во нашиот табор, додека Бојан Крстевски има пет, а Дамјан Стојановски три поени во првото полувреме.

Се вчитува...