ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Македонија има негатива од четири гола (11-15) по првото полувреме од натпреварот со Данска што „црвено-жолтите“ го играат во рамките од третото коло од групата А од ЕП 2022. Избраниците на Лазаров извонредно го почнаа дуелот, но како што одминуваше времето, темпото во нападот опаѓаше, а данскиот состав знаеше како да го искористи тоа и да стигне до солидно водство. Данскиот селектор Јакобсен во составот не го вклучи голманот Ландин, Хансен и Менса Ларсен следат од клупата, но затоа одличен е десниот бек Киркелеке, кој им создава огромни проблеми на нашите играчи со шутевите од далечина.
По неуспешните експерименти со Ѓоргиев на среден бек на првите две средби, овојпат Лазаров се реши за Кузмановски и Талески во стартниот состав, заедно со Велковски, Костески, Цветан Кузманоски, Пешевски и Никола Митревски на голот. Митревски блесна од самиот почеток, со две одбрани при првите два напади на Данците, а на спротивната страна Костески и Талески донесоа предност од 2-0.Фаворитите делуваа во шок, Митревски го продолжи своето шоу на голот, Данска шест минути не псотигна гол, а Македонија поведе со 4-0.
Микел Хансен влезе во игра за да изведе седмерец, но и големиот дански ас промаши пенал, за еуфорија меѓу македонските навивачи. Киркелеке го постигна првиот гол за противничката селекција дури во деветтата минута, намалувајќи на 4-1. Тој погодок беше доволен за да се врати самодовербата кај Данците, кои набрзина намалија на 4-3, а проблем повеќе за Македонија претставуваше повредата на скочниот зглоб што ја заработи Филип Кузмановски во 12. минута од мечот. Киркелеке беше незапирлив во првиот дел од првото полувреме, постигнувајќи го својот четврти гол во 14. минута, за израмнување на 5-5.
Истиот ракометар две минути подоцна и по петти пат го совлада Митревски, за прво водство на Данска на мечот (5-6). Негативата се движеше меѓу еден и два гола, Митревски одбрани пенал при 9-10, но нашиот нереализиран напад знчеше и почеток на нова серија на противникот и водство на Данска од 9-13. Лазаров се обиде и со „седум на шест“, притоа барајќи го и првиот тајмаут во 26. минута, а пред крајот на полувремето дебито во националниот тим го имаше и младинскиот репрезентативец Митев, кој беше вклучен во составот на местото на повредениот Маџовски.
Проблемите во нападот беа очигледни, но затоа Митревски блесна со гол од својот голмански простор, намалувајќи на 11-13. Тоа беше и последниот гол на Македонија до крајот на полувремето, Кузманоски промаши пенал, Костески од крило ја погоди гредата, па Данците на одмор заминаа со водство од 11-15.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА