ЕКИПА во Солун,
Стеван Цаневски
Македонската ракометна репрезентација игра одлично прво полувреме во Солун против Грција, откако избраниците на Кире Лазаров по 30 минути игра имаат предност од три гола (12-15). Македонија го контролира темпото на мечот и резултатот од почеток до крај, во големи периоди играме цврсто во одбраната и не му дозволуваме на противникот лесно да дојде до ситуација за гол. Во нападот имавме неколку промашени зицери, но севкупниот впечаток за овие 30 минути е крајно позитивен.
Македонија го почна мечот со Никола Митревски на голот, Пешевски на пивот, Талески, Џонов и Велковски на бековските позиции и Кузманоски и Ненад Костески како крила. Пешевски беше стрелец на првиот гол за водство од 1-0, а на спротивната страна одлично запрен зицер од пивот имаше Никола Митревски. Грците немаа одговор во нападот, па Македонија по пет минути игра имаше предност од 0-3. Предноста ја задржавме откако Џонов погоди за 2-5, но Грците во наредните две минути заиграа подобро во одбраната и намалија на 4-5.
Џонов со гол и аситенција (до Пешевски) ја врати предноста на „плус три“ (4-7), Јагуриновски по влегувањето донесе цврстина во одбраната, по што Никола Маркоски со гол од полуконтра за првпат донесе водство од четири гола за Македонија (5-9). Одличното издание продолжи и со голот од контранпад на Атанасијевиќ за 6-11, по што во 19. минута Македонија го имаше и првото исклучување (Јагуриновски). Грција успеа да намали на 8-11, по што Лазаров побара тајмаут, а веќе во следниот напад Филип Кузмановски мина низ противничката зона и рутински реализираше за 8-12.
Кузмановски погоди еден седмерец, потоа еднаш беше и непрецизен од пенал, за „црвено-жолтите“ во последната минута од полувремето да добијат и играч повеќе по исклучување на еден домашен ракометар. Јагуриновски рутински реализираше на асистенција на Талески, па на одмор заминуваме со предност од 12-15.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА