ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонија има предност од 21-17 по првите 30 минути игра против селекцијата на Катар, полувреме во кое нашите ракометари имаа целосна контрола, знаат како да го најдат патот до мрежата на противникот, а без оглед на 17-те примени гола одлично издание на нашиот гол има Марко Кизиќ, кој доби предност пред Никола Митревски и ја оправда довербата.
Првиот напад го реализиравме со велемајсторски погодок на Марко Митев. Следеше украдена топка и лесна реализација од контранапад на Петар Атанасијевиќ, за наше прво водство од 2-1. „Црвено-жолтите“ делуваа во контрола на почетокот, поведувајќи со два гола предност (3-1, 4-2, 5-3). Кизиќ во 6. минута ја забележа и втората одбрана, а Лазаревски со својот втор гол на мечот донесе и прва позитива од „плус три“ (6-3).
Исклучувањето на Лазаревски донесе проблеми, па Катар експресно од 7-4 стигна до 7-6, пред нивната мини-серија да ја прекине Митев со својот трет погодок. Го загубивме темпото од почетните минути, а Катар го искористи тоа и во 13. минута израмни на 9-9. Митев изнуди исклучување од Закар, веднаш реализавме од крило преку Костески, а потоа со првиот гол на капитенот Кузмановски (во празна мрежа) имавме и 11-10. Катар почна да греши во нападот, погодивме два пати преку Пешевски и Стојковиќ, па Вујовиќ го побара првиот тајмаут на натпреварот при наше водство од 13-11 (18. минута).
Кузмановски влезе во гол-серија и ја одржувавме предноста од два погодоци (14-12, 15-13), пред Јагуриновски да погоди за 16-13. Десниот бек на Вардар заработи исклучување, но и со играч помалку украдовме топка и преку Костески поведовме со 17-13. Македонија продолжи со одличното издание, па преку Џонов поведовме со 19-14, Кизиќ му одбрани уште еден шут на Марзо, а шпанските судии изненадувачки го исклучија Лазаревски за „глума“ во одбраната. Лазаров побара тајмаут при наше водство од 19-14, Кизиќ продолжи да блеска бранејќи зицер со играч помалку (негова седма одбрана во полувремето), во следдниот напад Кизиќ уште еднаш го запре катарскиот пивот, а Митев даде гол од контранапад за најубедливи плус шест за Македонија (20-14). Катар до крајот на полувремето со многу среќа стигна до „минус четири“, па Македонија на одмор замина со водство од 21-17.
Кузмановски, Митев и Лазаревски се најефикасни во нашиот табор со по четири гола, а одличен на голот а Митев со осум успешни интервенции. Македонија игра фантастично прво полувреме, останува да го задржиме темпото и во вторите 30 минути, со што би стигнале и до втората победа на овој ракометен мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА